ПРВ.мк
Македонија

НОВА ЕРА ЗА КАЗИНАТА: Строги ограничувања, ГПС на секој апарат и забрана во близина на училишта!

НОВА ЕРА ЗА КАЗИНАТА: Строги ограничувања, ГПС на секој апарат и забрана во близина на училишта!

Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат значително построги правила за работењето на казината, автомат клубовите и приредувачите на електронски игри на среќа. Новите законски решенија имаат за цел да ја зголемат заштитата на младите, да ја зајакнат контролата врз секторот и да придонесат во борбата против сивата економија.

Една од најважните промени предвидува казината, автомат клубовите и објектите во кои се организираат електронски игри на среќа да можат да работат само доколку се наоѓаат на најмалку 500 метри оддалеченост од основните и средните училишта. Со оваа мерка законодавецот настојува дополнително да ги заштити малолетниците од директна изложеност на коцкарски содржини.

За обложувалниците не се воведува обврска за дислокација, но новите правила налагаат во нивните уплатно-исплатни места кои се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта да не смеат да се поставуваат видеолотариски терминали и терминали за електронски игри на среќа.

Законот носи и сериозни ограничувања во областа на рекламирањето. Ќе биде забрането претставување на игрите на среќа како средство за финансиски успех, подобар животен стандард или решавање на економски проблеми. Исто така, нема да биде дозволено користење на јавни личности и познати лица кои со своите пораки би сугерирале дека нивниот успех е поврзан со коцкање. Дополнително се ограничува рекламирањето на надворешните делови од објектите и се забрануваат содржини кои би можеле да влијаат врз малолетници.

Посебно внимание привлекува новата обврска секој автомат за игри на среќа и секој видеолотариски терминал да биде опремен со ГПС-уред кој постојано ќе биде поврзан со Управата за јавни приходи. На овој начин институциите ќе можат во секое време да ја следат локацијата на апаратите и полесно да откриваат евентуални нерегуларности или нелегално работење.

Со новото законско решение се укинува и досегашната можност со една лиценца да се отвораат повеќе деловни простории. Наместо тоа, за секој нов објект и секое ново уплатно-исплатно место ќе се плаќаат посебни надоместоци, а се воведуваат и повисоки банкарски гаранции за компаниите што работат во оваа дејност.

Во законот се вклучени и препораките на Манивал при Советот на Европа, со што се воведуваат построги критериуми за сопствениците и управителите на компаниите кои организираат игри на среќа. Целта е дополнително зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање на незаконски активности.

Останува на сила и забраната за учество на лица помлади од 18 години во игрите на среќа. Приредувачите ќе мора на видливи места да постават предупредувања за забранет влез на малолетници, како и информации поврзани со превенција и третман на зависност од коцкање.

Новите законски измени веќе предизвикуваат сериозни реакции во индустријата. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија и здружението „Сакам да работам“ предупредуваат дека примената на новите правила може да доведе до затворање на значителен број легални објекти. Според нивните проценки, во ризик би можеле да се најдат околу 10.000 работни места, а индиректните последици би можеле да погодат повеќе од 35.000 граѓани.

Од индустријата дополнително предупредуваат дека намалувањето на бројот на легални приредувачи може да отвори простор за развој на нелегалниот пазар. Според нив, дел од играчите би можеле да се пренасочат кон нерегистрирани оператори, што би ја зголемило сивата економија и би довело до намалување на приходите кои државата моментално ги остварува од оваа дејност.