Натпреварот меѓу Јужна Кореја и Чешка на Светското првенство заврши со победа на Корејците од 2:1, но резултатот на теренот речиси и да не беше главната тема. Вниманието на јавноста беше насочено кон нешто сосема друго — состојбата на трибините и големата разлика меѓу официјалните податоци и она што можеше да се види со голо око.
Според податоците што ги објави ФИФА, натпреварот бил следен од 44.985 гледачи, бројка која речиси се приближува до капацитетот на стадионот „Акрон Стадион“ во Запопан, кој има околу 48.000 седечки места. Со тоа, официјалниот извештај создава впечаток дека арената била речиси целосно исполнета.
Меѓутоа, сосема поинаква слика пристигна од телевизиските преноси и фотографиите направени од фоторепортерите на самото место. Наместо преполни трибини, голем дел од седиштата изгледале празно, што веднаш предизвика реакции и сомнежи кај гледачите.
И покрај тоа што натпреварот се одиграл во вечерен термин, околу 20 часот по локално време, кога се очекува поголема посетеност, впечатокот од трибините бил дека присуството на навивачи е значително помало од прикажаното во официјалната статистика.
Снимките и фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи, каде што многумина поставија прашања за реалната посетеност и начинот на кој се прикажуваат официјалните бројки на големите фудбалски натпреварувања.
Овој случај повторно ја отвори дебатата за тоа дали официјалните податоци секогаш ја одразуваат вистинската состојба на стадионите или станува збор за разлики во методологијата на броење и известување.









