Во рамки на обемната полициска акција што се одвива во скопското село Батинци, неофицијално е дознаено по кое лице трагаат безбедносните служби. Според информации објавени од Инфомакс, станува збор за Муса Џавит, лице со сериозно криминално досие, кое пред околу шест месеци го уби војникот на Армијата на Република Македонија во едно скопско село.
Во моментот на извршување на тоа кривично дело, Џавит веќе бил во бегство и по него била распишана меѓународна потерница за друго убиство. Надлежните органи подолго време трагале по него, а последните информации укажуваат дека токму тој е главната цел на актуелната полициска акција.
Бегалецот Муса Џавит, според достапните податоци, во период од една година смртно застрелал две лица. Двата случаи се регистрирани во 2024 и 2025 година, и тоа во сред бел ден во скопското Батинци, што дополнително ја зголеми вознемиреноста кај јавноста и локалното население.
Последното убиство особено ја потресе јавноста. Минатото лето, пред самиот влез на Батинци, Џавит со два истрела го уби 50-годишен офицер на АРМ. Нападот се случил пред очите на ќерката на жртвата, додека заедно се движеле со возило, што овој случај го направи уште пострашен и потресен.
Иако денес се поврзува со тешки кривични дела, до јуни 2024 година Џавит имал издржано само една затворска казна, и тоа за нелегално поседување оружје. Само еден месец по неговото пуштање од затвор, тој го извршил првото убиство, по што целосно исчезнал од радарот на институциите.
Како што претходно објави Инфомакс, доцна вечерва во Батинци се одвива интензивна и масовна полициска акција, со присуство на повеќе полициски единици и блокади на поширокото подрачје.
Од Министерството за внатрешни работи накусо информираа дека акцијата е преземена по добиени оперативни информации дека во одреден објект се наоѓа лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница за тешки кривични дела.
„По претходно добиена информација, надлежни полициски служби при МВР денеска делуваа на подрачјето на Скопје, со цел лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница за тешки кривични дела. Активностите продолжуваат на терен со цел пронаоѓање и лишување од слобода на лицето од висок интерес“, соопштија од МВР.
Полициската акција сè уште е во тек, а јавноста очекува официјални информации за исходот и евентуалното приведување на осомничениот.

















