ПРВ.мк
Свет

СТРАШНА НЕСРЕЌА: Се судрија возови - најмалку 39 загинати!

СТРАШНА НЕСРЕЌА: Се судрија возови - најмалку 39 загинати!
Kristal

Јужна Шпанија беше погодена од една од најтешките железнички несреќи во последната деценија, откако најмалку 39 лица го загубија животот, а голем број други беа повредени во директен судир на два воза. Надлежните институции предупредуваат дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми, со оглед на сериозноста на повредите кај дел од настраданите.

Несреќата се случила во близина на местото Адамус, недалеку од Кордоба, кога воз кој се движел кон Мадрид излетал од шините и преминал на соседната пруга. Таму дошло до силен судир со друг воз што се движел во спротивна насока. Во двата воза заедно имало околу 400 патници и членови на екипажот, што ја прави трагедијата уште поголема.

Итните служби на Андалузија информираа дека најмалку 170 лица се повредени, а 75 од нив веднаш биле пренесени во болници поради сериозноста на повредите. Министерот за транспорт, Оскар Пуенте, изјави дека околностите под кои се случила несреќата се исклучително невообичаени и потврди дека е започната детална истрага за утврдување на точните причини.

Според железничката компанија „Адиф“, трагедијата се случила само десет минути откако возот што се упатувал кон Мадрид ја напуштил станицата во Малага. Возот излетал од шините на целосно прав дел од пругата, што дополнително ги зголемува сомнежите и прашањата околу безбедносните услови и техничката исправност.

Министерот Пуенте појасни дека силата на судирот била толку голема што вагоните од другиот воз биле оттурнати во насип. Според првичните информации, најголем број од загинатите и тешко повредените се наоѓале во предните вагони на возот кој сообраќал на релација Мадрид – Уелва.

Возот инволвиран во несреќата бил од типот „фречиа 1000“, модел способен да достигне максимална брзина од дури 400 километри на час, изјави портпарол на италијанската железничка компанија „Феровие дело Стато“, која е производител на овој тип возови.

Спасувачките екипи се соочиле со исклучително тешки услови при интервенцијата. Извитканите и деформирани остатоци од вагоните сериозно го отежнувале извлекувањето на луѓето заробени внатре. Според нивните сведоштва, секој момент бил борба со времето и со суровата реалност на трагедијата.

„Во одредени моменти моравме најпрво да извлечеме починато лице за да можеме да стигнеме до некој што сè уште покажуваше знаци на живот. Тоа е исклучително тешка и комплексна работа“, изјави шефот на противпожарната служба во Кордоба, Франсиско Кармона.

Официјалната причина за несреќата сè уште не е утврдена. Министерот Пуенте нагласи дека истрагата ќе биде детална и темелна, но предупреди дека процесот на утврдување на точните причини може да трае најмалку еден месец.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo