Европската Унија е под зголемен притисок да го активира својот инструмент против принуда, познат и како трговска „базука“, како одговор на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини доколку Данска одбие да го продаде Гренланд.
Францускиот претседател Емануел Макрон побара активирање на механизмот, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека царините на Трамп се „грешка“ и потенцираше можен прекин на комуникацијата во НАТО, чиј член е и Вашингтон.
Трамп најави воведување царина од 10% за производите од осум европски земји – Данска, Германија, Франција, Шведска, Финска, Холандија и Обединетото Кралство – додека не се постигне „целосен договор за Гренланд“. Осумте земји во заедничка изјава потврдија дека царинските закани ја загрозуваат трансатлантската стабилност и изразија целосна солидарност со Данска.
Инструментот против принуда, усвоен во 2023 година, овозможува на ЕУ да воведе царински и инвестициски ограничувања кон трети земји кои вршат економска принуда. Иако никогаш досега не е применет, неговата употреба би можела да предизвика сериозни геополитички последици и значително да влијае на американските производи и услуги.
Европските лидери, предводени од Макрон и шведскиот премиер Улф Кристерсон, веќе нагласуваат дека ЕУ нема да дозволи да биде „уценувана“ и дека заканите нема да ја заплашат Унијата.
Последниот конфликт околу Гренланд го зацврсти единството меѓу европските политички сили и го истакнува зголеменото геополитичко значење на Арктикот, богат со природни ресурси и стратешки поморски патишта.

















