ПРВ.мк
Македонија

Криза на улиците: Стотици македонски граѓани остануваат без дом - зошто е тоа така?

Криза на улиците: Стотици македонски граѓани остануваат без дом - зошто е тоа така?
Kristal

Стотици лица во Македонија живеат без свој дом, а екстремните зимски температури дополнително ја влошуваат нивната состојба. Во Скопје, Центарот за дневен престој на Црвениот крст е едно од ретките места каде бездомниците можат да се згреат, да добијат храна и основна грижа.

Во пресрет на празникот Василица, центарот организираше посебен ден за корисниците – исполнет со дружење, внимание и празнична трпеза. Бездомните учествуваа во традиционалното кршење пита со паричка, симбол на среќа и надеж за новата година, додека најранливите добија и донација на зимска облека.

„Нашата цел е барем за момент да внесеме чувство на дом, грижа и надеж“, велат од Црвениот крст, нагласувајќи дека ваквите активности ја прават видлива реалноста со која секојдневно се соочуваат бездомниците.

Според социјалните служби, во март 2024 година во Скопје и Битола биле регистрирани околу 200 бездомни лица. Независни процени, како оние од Здружението „Љубезност“, укажуваат дека бројот може да достигне и до 1.000 лица во целата земја.

Единственото централно прифатилиште во Скопје нуди храна, облека, медицинска помош и засолниште, со капацитет од 32 до 40 легла – далеку под реалните потреби. Во зимскиот период активни се и мобилни тимови кои работат на терен, додека Министерството за труд и социјална политика отвори регионални центри за поддршка во неколку градови.

Стручњаците и граѓанските организации истакнуваат дека е неопходен системски и долгорочен пристап – од обезбедување прибежишта и рехабилитациски услуги, до вработување и социјална вклученост. Бездомништвото не е само локален проблем: во Европа повеќе од 1,27 милиони луѓе секоја ноќ спијат на улица или во прифатилишта, што ја става Македонија во поширок контекст на социјална криза.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo