Попладнево во скопското село Трубарево избувна голем пожар во фабриката за пластика „Нула отпад“. Огнената стихија предизвика драматични сцени, а густи облаци чад се шират насекаде околу местото на настанот, што ја прави состојбата уште поалармантна.
Во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе екипи на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, а од Дирекцијата за заштита и спасување потврдија дека пожарот зафатил голема количина отпаден материјал.
„Се работи за голем пожар во Трубарево, се гасне со повеќе екипи“, изјави Звонко Томевски, командир на Противпожарната бригада на град Скопје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, нагласи дека ситуацијата е сериозна бидејќи фабриката покрај пластика складира и електронски отпад.
„Се работи за сериозен пожар. Хермелините веќе се упатени на терен, а дел од нив се на пат кон Трубарево. Планирано е да се интервенира и од воздух“, изјави Ангелов.
Состојбата на терен останува критична, а властите апелираат граѓаните да избегнуваат движење во околината поради густиот чад кој се шири кон населбите.
Драматичните снимки од местото на настанот сведочат за сериозноста на пожарот и големите напори на пожарникарите да ја стават огнената стихија под контрола.