Голема полициска акција е во тек во Гостивар по случајот со неисправната вода за пиење, кој деновиве предизвика голема загриженост кај граѓаните. Во рамки на истрагата, според неофицијални информации, се приведени три лица поврзани со Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар.
Како што дознаваат медиумите од свои извори, по итна постапка биле лишени од слобода вршителката на должност директор на претпријатието, Аратана Асани, раководителот на Одделението за водовод Вадедин Дервиши и техничкиот директор Леон Нуредини.
Акцијата, според информациите, се спроведува во координација со Основното јавно обвинителство, а предметот во оваа фаза се води поради сомневања за можни кривични дела поврзани со загадување на водата за пиење и тешки дела против животната средина и природата.
Од надлежните институции засега нема официјално соопштение за деталите од акцијата, но се очекува во текот на денот да бидат објавени повеќе информации за преземените мерки и понатамошниот тек на истрагата.
Во меѓувреме, во јавноста се појавија и информации поврзани со лабораториските анализи на водата. Според неофицијални податоци, извештајот на Институтот за јавно здравје покажал дека од четирите испитани примероци, во два биле пронајдени фекални колиформни бактерии, додека кај еден примерок било забележано и зголемено присуство на хлор.
Случајот со водата во Гостивар предизвика сериозна вознемиреност меѓу жителите, особено поради големиот број граѓани кои пријавуваа стомачни проблеми во изминатиот период.
Надлежните продолжуваат со проверките за да се утврди како дошло до проблемот, кој е одговорен за состојбата и дали имало пропусти во контролата и одржувањето на системот за водоснабдување.







