Нов скандал ја потресе јавноста по објавеното видео од студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, кое ја открива вистинската слика за условите во кои живеат студентите. Снимката, која ја објави порталот „Студентарија“, покажува глувци како шетаат по таванот во тоалетите, додека студентите со ужас го документираат тоа.
Ова видео уште еднаш ја отвори темата за алармантната хигиенска состојба и нехуманите услови во дел од студентските домови низ Македонија. Во изминатиот период јавноста веќе беше сведок на повеќе извештаи за мувлосани ѕидови, неисправни инсталации и нечисти простории, но новите снимки од „Пелагонија“ ја покажуваат состојбата во уште потежок облик.
Според тврдењата на студентите, веднаш по појавата на глувците тие го пријавиле случајот кај службите во домот, очекувајќи брза реакција и дератизација. Но, наместо сериозен пристап, добиле ироничен и потценувачки одговор.
„Од глувци ли се плашите?“ – им било речено од страна на вработените, открива објавата на „Студентарија“.
Дури по неколку повторени жалби, службите им дале на студентите кесичка со отров, со објаснување дека сами треба да го постават во просториите каде што се движат глувците.
Овој случај повторно ја покрена јавната дебата за условите во кои живеат македонските студенти – младите кои се иднината на државата, но кои, наместо соодветни услови за живот и учење, се соочуваат со нечистотија, негрижа и небезбедна околина.
Од студентските организации веќе најавуваат дека ќе побараат итна интервенција од надлежните институции, а видеото кое кружи на социјалните мрежи предизвика бурни реакции и револт кај јавноста, со прашањето – до кога студентите ќе живеат во вакви услови?
















