ПРВ.мк
Македонија

„ВЧЕРА БЕВ НА РАБОТ НА СМРТТА“: Познатиот македонски спортски коментатор со потресно сведоштво

„ВЧЕРА БЕВ НА РАБОТ НА СМРТТА“: Познатиот македонски спортски коментатор со потресно сведоштво

Познатиот македонски спортски новинар, коментатор и телевизиски водител Игор Филевски-Филе поминал низ сериозна здравствена драма, откако навидум безопасен плускавец на стапалото предизвикал опасна инфекција, поради која лекарите морале итно да му ампутираат два прста и дел од стапалото.

Филевски за своето искуство проговори преку емотивна објава на Фејсбук, предупредувајќи дека и најмалите здравствени проблеми не смеат да се занемаруваат.

„Еден најобичен плускавец на стапалото, што не го забележав два дена, вчера ме доведе на работ од смртта, без воопшто да сум свесен за тоа, поради опасност од сепса“, напиша Филе.

Тој објасни дека раната се појавила пред пет месеци, но бидејќи има дијабетес, очекувал дека заздравувањето ќе биде побавно.

Иако редовно одел на преврски, инфекцијата постепено навлегувала во подлабоките ткива, сè до коската.

Состојбата нагло се влошила кога стапалото почнало да отекува, воспалението се проширило кон потколеницата, а прстите почнале да ја менуваат бојата.

По направените медицински испитувања, лекарите за само десетина минути донеле одлука за итна ампутација.

„Сега сум стабилен. Инфекцијата е стопирана. Опасноста од сепса е елиминирана“, порача Филевски.

Тој откри дека операцијата траела околу половина час и изрази огромна благодарност до медицинскиот тим.

Во дополнителна објава, Филе сподели и необично искуство по интервенцијата.

Иако двата прста му биле ампутирани, тој повремено чувствува болка и има впечаток дека сè уште може да ги движи.

Станува збор за таканаречена фантомска болка, феномен при кој човек чувствува сензации во дел од телото што повеќе го нема.

„Ги чувствувам. А знам дека ги немам. Комплетно надреално“, напиша Филе.

Игор Филевски е добро познат на македонската публика по спортската емисија „Топки“, а повеќе години живее на Малта.

Со својата исповед тој испрати важна порака до јавноста, особено до лицата со дијабетес, навремено да побараат лекарска помош при појава на рани и повреди.