Од 12 октомври системот „Безбеден град“ треба да биде проширен на уште четири градови во западниот дел од земјава – Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, при работната посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, информирал дека подготовките за ставање во функција на командниот центар се во завршна фаза.
Според најавите, во следните две недели треба да бидат завршени преостанатите активности, по што системот ќе започне да функционира на целото подрачје што го покрива СВР Охрид.
Во рамки на посетата било разговарано и за состојбите поврзани со криминалот и корупцијата, нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Тошковски најавил и проширување на соработката со ФРОНТЕКС. Активностите на европската агенција, кои досега се спроведуваат на јужната граница, треба да бидат проширени и на западната граница, со почеток на заедничките активности на почетокот на следната година.
Целта, според МВР, е зајакнување на капацитетите и подобрување на контролата на западната граница, особено кон Албанија.







