Министерството за внатрешни работи упатува јавен апел до сите возачи навремено да ги проверат и ажурираат своите контакт-податоци, пред официјалниот старт на системот „Безбеден град“, кој започнува со работа на 1 февруари. Апелот се однесува на граѓаните кај кои има промени во телефонскиот број или електронската пошта доставени при регистрација на возилото, како и на оние кои добиле известување со неточни податоци.
Ажурирањето на контакт-податоците може да се изврши на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, кој се наоѓа во зградата на МТВ во Скопје, и тоа секој работен ден во периодот од 8 до 17 часот. Дополнително, возачите имаат можност да ги коригираат податоците и во станиците за технички преглед на возилата, каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Овој повик доаѓа по усвојувањето на измените на Законот за прекршоци минатата недела, со што се создадоа законски услови за официјално започнување на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Системот и натаму се наоѓа во тест-фаза, но веќе активно ги евидентира прекршоците.
Во текот на тестирањето, граѓаните за регистриран прекршок добиваат известување преку СМС-порака и електронска пошта, заедно со линк преку кој може да се преземе записникот. Токму затоа, од МВР потенцираат дека точните контакт-податоци се клучни за навремено информирање и избегнување на недоразбирања или дополнителни последици.

















