ПРВ.мк
Македонија

Важни промени за вработените во Армијата: Министерството за одбрана и синдикатите пред договор

Важни промени за вработените во Армијата: Министерството за одбрана и синдикатите пред договор

Министерството за одбрана и синдикатите се во завршна фаза од преговорите за новиот Колективен договор за Армијата, со кој се предвидува подобрување на работните услови, правата и финансиската заштита на вработените.

По вчерашната средба, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, информираа дека во моментов се усогласуваат околу 20 члена од договорот.

Во преговорите учествуваат синдикати кои, според Министерството, претставуваат 99,9 проценти од вработените во одбраната.

Мисајловски истакна дека заедничката цел е да се обезбедат подобри услови за армискиот кадар, притоа земајќи ги предвид финансиските можности.

„Некаде имаме исто мислење, некаде различно, но сите синдикати тука зборуваат со иста цел — како да биде подобро“, изјави министерот.

Тој посочи дека во изминатите две години од државниот буџет биле исплатени над 26 милиони евра за заостанати судски спорови, кои потекнуваат уште од 2019 година.

Според Мисајловски, доследното почитување на колективниот договор треба да придонесе за намалување на новите судски постапки и трошоците поврзани со нив.

На тој начин, како што посочи, повеќе средства би можеле да се насочат директно кон подобрување на условите за припадниците на Армијата.

Од Министерството за одбрана очекуваат преговорите наскоро да бидат завршени, по што ќе следува финализирање на новиот Колективен договор.