Познатото американско семејство Кенеди се соочува со нова загуба. Кајл Кенеди, внука на Роберт Ф. Кенеди и неговата сопруга Етел Кенеди, починала на 42-годишна возраст.
Според објавената посмртница, таа починала на 21 септември во својот дом во Вествуд, во американската сојузна држава Масачусетс.
Точната причина за нејзината смрт засега не е јавно соопштена.
Кајл била ќерка на Мајкл Кенеди, еден од единаесетте наследници на Роберт и Етел Кенеди.
Уште како тринаесетгодишно девојче доживеала голема семејна трагедија. Нејзиниот татко загинал во 1997 година, на 39-годишна возраст, во скијачка несреќа, откако удрил во дрво.
Животот ѝ донел уште едно тешко искушение пред шест години, кога претрпела сериозна повреда на 'рбетот, поради која се соочила со долготрајна парализа.
По несреќата, Кајл станала посветена активистка за правата на лицата со попреченост.
Таа учествувала и на сослушување пред законодавните институции во Масачусетс, каде што отворено зборувала за дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост во здравствениот систем.
Нејзината мајка е Викторија Дениз Гифорд, ќерка на познатиот американски спортист Френк Гифорд.
И покрај тешките животни околности, Кајл Кенеди дел од својот живот го посветила на застапување на правата и достоинството на лицата со попреченост.






