Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за мировни преговори и сака што поскоро да заврши војната, но предупреди дека руските напади продолжуваат да одземаат човечки животи.
По разговорите со европските лидери, Зеленски соопшти дека е постигнат одреден напредок во дискусиите за мирот, безбедноста и економската соработка.
„Се разбира, не ја губиме оваа војна, но губиме луѓе бидејќи Русија напаѓа“, изјави украинскиот претседател.
Тој потврди дека имал позитивен разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, на кого му се заблагодарил за подготвеноста на САД да помогнат во пронаоѓањето решение.
Според Зеленски, Украина веднаш го поддржала американскиот предлог за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, но Русија продолжила со воените дејства.
Како една од можностите за напредок се разгледува и трилатерална средба на лидерите, додека американскиот претставник Стив Виткоф треба да отпатува во Русија.
„Да видиме што ќе каже Путин“, порача Зеленски.
Финскиот претседател Александер Стуб оцени дека разговорите донеле реален напредок во повеќе области, меѓу кои безбедносните гаранции, противвоздушната одбрана, енергетиката и можните делумни прекини на огнот.
„Мирот бара трпение. За жал, војната не чека. Луѓе умираат секој ден“, истакна Стуб.
На крајот, Зеленски нагласи дека Украина сака мир повеќе од кој било друг, додавајќи дека, според него, одлуката за продолжување или запирање на крвопролевањето зависи од Русија.






