ПРВ.мк
Македонија

Се решава проблем стар повеќе од 15 години: Околу 500 професионални војници ќе можат да добијат трајно вработување во Армијата

Се решава проблем стар повеќе од 15 години: Околу 500 професионални војници ќе можат да добијат трајно вработување во Армијата

Министерството за одбрана најави значајна реформа со која се решава долгогодишниот проблем со работниот статус на професионалните војници по навршување на 45-годишна возраст.

Со новото решение, професионалните војници ќе можат да продолжат да работат во Армијата како цивилен персонал, со договор на неопределено време.

Одлуката е донесена на владина седница, по договор меѓу Министерството за одбрана, Генералштабот и синдикалните организации.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека со реформата се обезбедува поголема сигурност за иднината на професионалните војници.

„Остануваат сите опции како и досега – испратнина од две просечни плати или трансфер во друга државна институција, но со оваа реформа правиме решение секој професионален војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.

Новото решение предвидува неколку важни придобивки за војниците:

  • Исти месечни примања – платите и додатоците остануваат непроменети.
  • Сигурен работен однос – трансформација во вработување на неопределено време.
  • Работа во истата касарна – можност за останување на досегашната локација.
  • Непречена трансформација – веќе следниот ден по навршување 45 години.
  • Задржување на условите за пензионирање – согласно законските прописи и Колективниот договор.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, нагласи дека со ова се решава прашање што постои повеќе од 15 години.

Војниците што ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат ангажирани за обезбедување на имотот и лицата во касарните и гарнизоните.

Според проценките, околу 100 војници ќе ја искористат можноста следната година, а во наредните пет години бројката би можела да достигне околу 500 лица.

Мисајловски најави и дополнителни позитивни промени за вработените во одбраната, меѓу кои и зголемување на платите.