ПРВ.мк
Македонија

Ужас на Онкологија: Пациенти со рак чекаат со часови за терапија без место за седење

Ужас на Онкологија: Пациенти со рак чекаат со часови за терапија без место за седење

На скопската Клиника за Онкологија продолжува хаосот кој секојдневно ги тера пациентите болни од рак да поминуваат часови во неизвесност и маки, пишува „Фокус“.

Големите редици започнуваат уште пред влезот во клиниката, а внатре ситуацијата е уште поалармантна – преполни ходници, метеж пред шалтерите и хаос кај дневната болница. Пациентите, од кои многумина патуваат километри за да дојдат до Скопје, чекаат со часови за да влезат на терапија.

Она што дополнително ја влошува состојбата е недостатокот на простор во дневната болница – болните немаат каде да седнат додека примаат лекови кои им значат живот. Мнозина, изнемоштени и во тешка состојба, се потпираат на своите најблиски кои ги придружуваат.

„Секој пат кога доаѓаме е исто. Јас еднаш неделно ја носам од Тетово мајката на сопругата, која боледува од рак на дебело црево. Откако ќе земе бројче, минуваат часови додека да дојде на ред за терапија, а во дневната болница нема каде да седнат пациентите. Разбирам за нас, ќе почекаме надвор, но на некои од овие луѓе ова им се последните месеци од животот – зарем треба да ги минат по болнички ходници?“, вели еден од придружниците за „Фокус“.

Иако проблемот е одамна познат, состојбата никако да се среди, а пациентите и натаму се соочуваат со борба која изгледа подеднакво тешка како и самата болест.

Escape