ПРВ.мк
Македонија

Уште еден смртен случај од западнонилска треска: Бројот на починати се искачи на пет

Уште еден смртен случај од западнонилска треска: Бројот на починати се искачи на пет

Во Македонија е регистриран петти смртен случај од западнонилска треска, потврди директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.

Станува збор за 73-годишен пациент од Долно Лисиче во Скопје, кој бил хоспитализиран 22 дена. Според Цана, пациентот уште при приемот бил во многу тешка здравствена состојба и имал сериозни придружни заболувања кои дополнително придонеле за неповолниот исход.

Тој бил лекуван на Одделот за интензивно лекување и бил поставен на респираторна поддршка.

Со овој случај, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на пет.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 21 пациент. Кај 18 од нив е потврдена инфекција со вирусот и невроинвазивна форма на заболувањето, додека за тројца постои сомнение за инфекција.

Четворица пациенти се во тешка општа состојба и се лекуваат на интензивна нега, а останатите се сместени на Одделот за невроинфекции. Најтешките случаи главно се кај лица во поодмината возраст, но меѓу хоспитализираните има и 25-годишен пациент.

Досега од Клиниката како излекувани се испишани вкупно 19 пациенти.

Цана посочува дека најголемиот дел од лицата инфицирани со вирусот немаат симптоми или развиваат лесна клиничка слика и немаат потреба од болничко лекување. На Клиниката се примаат пациентите кај кои болеста развила потешка, невроинвазивна форма со зафатеност на нервниот систем.

Кај хоспитализираните пациенти е потврдено акутно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Според Цана, возраста претставува еден од клучните ризик-фактори, додека кај помладите пациенти текот и исходот од заболувањето вообичаено се поповолни.