Според УХМР, во наредните денови Македонија ќе биде зафатена од силна циклонска активност, што ќе донесе обилни врнежи од дожд низ целата територија, додека на повисоките места и планините врнежите ќе бидат од снег.
Хидролошките анализи предупредуваат дека локалните интензивни врнежи можат да предизвикаат нагло зголемување на водостојот, особено кај помалите реки и суводолиците. Поради топењето на снегот на планините и новите врнежи, се очекува пораст на поголемите реки, особено во јужните и централните делови на земјата и по течението на Вардар.
Денеска (01.04.2026) најкритично ќе биде во следните подрачја:
- Јужен дел: Планинскиот масив Кожуф
- Централен дел: Регионот околу Солунска Глава
- Котлини и региони: Гевгелиско-валандовската котлина, Кавадаречко-неготинскиот регион, како и југоисточните и источните делови на земјата
Од УХМР апелираат до граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење покрај речните корита и суводолиците. Постојат реални ризици од појава на „големи води“ и интензивно полнење на речните текови, што може да претставува опасност за населението и инфраструктурата во близина на водата.




















