Променливо облачно време, повремени локални врнежи од дожд и засилен ветер нè очекуваат денеска низ земјава, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Посебно внимание се посветува на западните делови од Македонија, каде што ветерот повремено ќе достигнува и ќе надминува брзина од 80 километри на час.
Според најавата на метеоролозите, во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец, а времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд.
Утринските температури ќе се движат во интервал од 4 до 11 степени, додека дневните максимални ќе достигнат од 17 до 21 степен.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Кон крајот на денот постојат услови за појава на слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој повремено ќе биде засилен.
Температурата во главниот град ќе се движи од минимални 2 до максимални 19 степени.
Променливото облачно време, проследено со повремени локални врнежи од дожд, ќе продолжи и во наредните денови. До петок, под влијание на јужно воздушно струење, ќе се задржи релативно топло време, со температури повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Сепак, од сабота се очекува промена на временската состојба и опаѓање на температурите.
Поради најавените силни налети на ветер, од надлежните се упатува предупредување до граѓаните, особено во подрачјата каде што се очекува ветерот да биде најизразен.
Се препорачува да се избегнува движење и престој на отворени површини на места каде што постои опасност од паѓање гранки или други предмети. Исто така, граѓаните треба навреме да ги обезбедат лесно подвижните предмети во дворовите и на терасите, за да се спречат можни проблеми предизвикани од силниот ветер.








