ПРВ.мк
Македонија

Цела Македонија се надеваше дека ќе преживее: Срнакот Мартин ја загуби битката

Цела Македонија се надеваше дека ќе преживее: Срнакот Мартин ја загуби битката

Срнакот Мартин, чија борба за живот ја следеа голем број граѓани, не успеа да преживее. Од „Animal Voice“ информираа дека животното починало како последица на тешките повреди здобиени по удар.

Доцна попладнето неговата здравствена состојба нагло се влошила, по што веднаш бил пренесен во хируршка сала. Ветеринарниот тим започнал итна интервенција и се обидувал да му го спаси животот.

За жал, повредите биле премногу сериозни. Мартин имал крварење во абдоменот, а и покрај интервенцијата и долгата реанимација, ветеринарите не успеале да го спасат.

Случајот со срнакот предизвика големо внимание во јавноста. Бројни граѓани ја следеа неговата состојба, испраќаа поддршка и се вклучија во напорите да му се обезбеди потребната помош.

Од „Animal Voice“ им се заблагодарија на сите што помогнале и до последен момент се надевале дека Мартин ќе закрепне.

По трагичниот исход, организацијата повторно упати апел до институциите за формирање специјализиран центар за рехабилитација и третман на диви животни во Македонија.

Според активистите, ваков центар е неопходен за повредените диви животни да можат навремено да добијат соодветна стручна и ветеринарна помош, наместо товарот за нивното спасување да паѓа главно врз активистите.

Поради вознемирувачките сцени од повредите на Мартин, организацијата најави дека наместо такви фотографии ќе објави слика создадена со вештачка интелигенција, како симбол на борбата на сите кои се обидоа да го спасат.