Обвинителството отвори истрага против 19 физички и четири правни лица поради сомнение дека биле дел од организирани и координирани дејствија за нелегално внесување и транзит на големи количини цигари, при што, според досегашните наоди, Буџетот бил оштетен за повеќе од 250 милиони денари.
Истрагата ја води надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, по кривична пријава поднесена од Царинската управа.
Осомничените, во зависност од дејствијата што им се ставаат на товар, се товарат за кривични дела поврзани со криумчарење, царинска измама и избегнување плаќање акциза.
Предмет на истрагата се повеќе случаи од 2024 година. Според сомненијата, товарни возила натоварени со цигари биле пропуштани преку граничните премини без соодветна царинска контрола. Во други случаи, цигарите биле пријавувани како транзитна стока, но наместо да ја напуштат државата, биле истоварувани на територијата на Северна Македонија, додека празните возила продолжувале кон излезните гранични премини.
Според досега обезбедените докази, во случаите биле вклучени возачи, одговорни лица во компании, како и царински и други службени лица. Дел од службените лица се осомничени дека овозможувале преминување без контрола, внесувале невистинити податоци во службените електронски системи, уништувале царинска документација или раздолжувале транзитни декларации и ослободувале гаранции иако стоката не била ставена на увид пред надлежниот царински орган.
Проценетата штета за државниот Буџет изнесува 250.149.784 денари.
Обвинителството побара притвор за петмина осомничени, куќен притвор за едно лице, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.
Во моментов петмина осомничени, меѓу кои и тројца странски државјани, се недостапни за органите на прогонот.







