Царинските службеници на граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село запленија речиси три илјади парчиња стока, меѓу кои алкохолни пијалоци, електронски цигари, облека со потпис на заштитени трговски марки и автоделови. Стоката била пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила, а против сторителите се водат посебни постапки.
На Блаце биле откриени над 700 парчиња стока, меѓу кои играчки, парфеми, козметика и мебел. Во еден од случаите, 600 парчиња играчки биле пронајдени во фабрички шуплини на комбе, додека 143 парчиња парфеми и козметика биле скриени под патосниците и во багажниот простор на автомобил. Товарно возило кое било пријавено како празно содржело три парчиња гарнитури мебел.
На Табановце, царинските инспектори во три одделни случаи заплениле 26 шишиња алкохол, над 200 електронски цигари и уред за авто-дијагностика. Дополнително, мобилен царински тим спречил обид за шверц на осум сета водни и воздушни пумпи со соларен панел.
На Богородица, при контрола на транзитна стока, запленети се 1.200 безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки, поради сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.
На Ново Село биле запленети автоделови во автомобил управуван од македонски државјанин, а против сторителот е поведена соодветна постапка.














