Македонија, според најновите метеоролошки најави, би можела да се соочи со најсилниот топлотен бран ова лето. Метеорологот Славчо Попоски прогнозира дека од 5 август ќе започне продор на многу топол воздух од југ, односно од северните делови на Африка, што ќе донесе екстремно високи температури низ целата земја.
Според прогнозите, времето ќе биде претежно сончево, стабилно и суво, без врнежи и без услови за временски непогоди. Во повеќето региони дневните температури ќе се движат над 35 степени Целзиусови, а во Скопската Котлина, Повардарието, централните и југоисточните делови на земјата локално би можеле да надминат и 40 степени.
Попоски предупредува дека со жештините ќе пристигнат и таканаречените тропски ноќи, кога температурата ниту во текот на ноќта нема да се спушта под 20 степени, што дополнително ќе го отежне разладувањето.
Според моменталните прогнози, овој топлотен бран би можел да трае околу шест до седум дена, односно до 10 или 11 август, по што се очекува постепено намалување на температурите.
Во меѓувреме, и остатокот од Европа се подготвува за нов бран екстремни горештини. Метеоролозите од „Severe Weather Europe“ предупредуваат дека над континентот ќе се формира таканаречена топлотна купола, поврзана со атмосферскиот феномен познат како „Омега блок“, кој овозможува задржување на жешкиот воздух над поширок регион.
Овој феномен придонесува воздухот постојано да се загрева, додека недостатокот на облаци и ветер создава услови температурите секојдневно да растат. Во комбинација со сушното време, тоа дополнително го зголемува ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор.
Сепак, бидејќи станува збор за прогноза за период подолг од една недела, метеоролозите нагласуваат дека точниот интензитет и времетраењето на топлотниот бран ќе бидат попрецизно утврдени во деновите пред неговото пристигнување.









