Денес православните верници го одбележуваат еден од најголемите празници посветени на Пресвета Богородица – полагањето на нејзиниот појас. Според преданието, тоа е единственото сочувано богатство од животот на Христовата мајка, кое имало чудотворна сила и низ историјата им помогнало на безброј верници.
Се верува дека појасот го изработила самата Богородица од влакна од камила и дека токму тој останал во гробот по нејзиното вознесение. Свети Тома го чувал како најголема реликвија, а низ вековите тој патувал низ Ерусалим, Кападокија и Константинопол, каде што бил сместен во златен ковчег.
Преданијата велат дека појасот ја излекувал царицата Зоја, која потоа во знак на благодарност извезла нов појас со златен конец, давајќи му го денешниот изглед. Поради неговата чудотворна сила, овој празник особено го почитуваат жените и брачните парови кои со години се молат за потомство, верувајќи дека молитвите токму на овој ден ќе бидат услишани.
Делови од појасот денес се чуваат во Света Гора и во грузискиот град Зугдид, каде по наредба на рускиот цар Александар I била изградена посебна црква. И покрај кражби и пренесувања, оваа светиња опстанала со векови, а празникот останал еден од најсаканите кај православните жени.
Се верува дека денешниот ден носи посебен благослов за семејствата и дека појасот на Пресвета Богородица е симбол на заштита, плодност и победа.