Струмичките пожарникари вечерва интервенирале во необична ситуација на улицата „4 Јули“, откако загрижени родители побарале помош бидејќи нивната малолетна ќерка со часови не одговарала на телефонските повици и не ја отворала вратата од станот.
Станот се наоѓал на четвртиот кат, па екипата на ТППЕ Струмица морала да употреби авто-скала за да стигне до терасата. Пожарникарите успеале да ја отворат вратата од терасата и да влезат во домот.
По неколку часа неизвесност и страв дека можеби нешто ѝ се случило, следувало големо олеснување – девојчето било пронајдено живо и здраво.
Таа спиела во длабок сон и воопшто не ги слушнала телефонските повици, ѕвонењето и обидите на родителите да стапат во контакт со неа.
Интервенцијата, која започнала како потенцијално сериозна ситуација, на крајот завршила без никакви последици, а загрижените родители конечно можеле да здивнат.









