ПРВ.мк
Македонија

30 училишта низ Македонија добиваат нови спортски сали и опрема – инвестиција од три милиони евра

30 училишта низ Македонија добиваат нови спортски сали и опрема – инвестиција од три милиони евра

Триесет основни и средни училишта низ Македонија ќе добијат подобри услови за физичко образование и спорт преку проект за реконструкција на спортските капацитети и набавка на нова опрема, вреден околу три милиони евра.

Проектот е кофинансиран од Министерството за образование и наука, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Развојната банка на Советот на Европа, а неговата реализација започна во 2024 година.

Едно од училиштата опфатени со инвестицијата е ООУ „Панајот Гиновски“ во Бутел, каде денеска, во рамки на настанот „Учи, играј, расти“, беа претставени резултатите од досегашните активности.

Проектот предвидува рехабилитација на просториите и објектите наменети за физичко образование, како и набавка на современа спортска опрема. Целта е учениците да добијат поквалитетни услови како за редовната настава, така и за спортски активности и тренинзи.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека соработката со европските и меѓународните партнери има значајна улога во подобрувањето на образовната инфраструктура.

„Училиштето треба да биде место во кое учениците со задоволство доаѓаат, место каде се чувствуваат сигурно, прифатено и мотивирано да учат, да се развиваат и да го достигнат својот целосен потенцијал“, порача Јаневска.

Според министерката, во изминатите две години Владата реализирала или започнала уште 90 проекти за подобрување на образовната инфраструктура во повеќе општини.

„Не смееме да го заборавиме ниту едно училиште и ниту една локална заедница. Ќе продолжиме чекор по чекор, со поддршка од партнерите и со јасна цел – секое дете да има квалитетни и достоинствени услови за образование“, рече таа.

На настанот присуствуваа и евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорите на Италија, Шпанија и Франција – Паоло Палминтери, Рафаел Сориано Ортиз и Кристоф Ле Риголер, како и вицегувернерот на Развојната банка на Советот на Европа, Томас Бочек.

Според најавите, до завршувањето на сите предвидени градежни активности, вкупната вредност на проектот треба да достигне околу три милиони евра.