Министерството за правда започнува капитален проект вреден 46 милиони евра, насочен кон реконструкција и подобрување на условите во казнено-поправните установи низ државата.
Проектот треба да овозможи посовремени услови за сместување на осудените и притворените лица, подобра здравствена заштита и хигиена, како и подобри услови за работни и слободни активности.
За реализацијата на проектот разговарале министерот за правда Јетон Шасивари и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек.
Како што информираат од Министерството, целта е казнено-поправните установи да бидат унапредени во согласност со европските стандарди и да се создадат посовремени и похумани услови во системот за извршување санкции.
Активностите предвидени за 2026 година, според Министерството, се реализираат согласно утврдената динамика. Во јули бил склучен договор за стручен надзор над изградбата, додека во моментов е во тек постапката за избор на градежен изведувач за предвидените објекти.
Од Министерството посочуваат дека инвестицијата треба долгорочно да придонесе за подобрување на условите во затворите и функционирањето на казнено-поправниот систем.









