Болката по загубата на Владимир Блажев – Панчо од „ДНК“ сè уште не стивнува. Македонија тагува, а неговата сопруга Маја денес ја објави најемотивната порака што ја потресе јавноста.
„Не се договоривме вака, душо моја, љубов моја, живот мој. Ме скрши на милион делови“, напиша Маја на својот профил, со зборови што ја разнежнија целата земја.
Панчо и Маја ја живееја својата љубов тивко, но вистински. Се венчаа на 2 октомври 2013 година во Скопје, и тоа на необичен, но симболичен начин – без бурми, со истетовирани прстени на рацете, како завет на вечна љубов. Од нивниот брак се родија два сина – Андреја и Марјан, нивната најголема гордост и радост.
Во едно од своите интервјуа, Панчо зборуваше за бракот со топлина и искреност: „За еден брак да трае, потребни се разбирање, толеранција и доверба. Жртвувањето мора да биде обострано“.
Судбината, сепак, беше немилосрдна. Трагедијата се случи на 16 март годинава во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Панчо тогаш се здоби со тешки изгореници и по седум месеци борба ја изгуби најтешката животна битка.
Неговата сопруга, неговите деца, колегите, пријателите и илјадниците обожаватели во Македонија денес тагуваат за човекот кој со својата музика и добрина остави неизбришлив белег.
Љубовната приказна на Панчо и Маја останува вечен спомен – доказ дека вистинската љубов не умира, туку живее во срцата на оние што најмногу љубеле.