ПРВ.мк
Македонија

Сомнежи за бензинските пред новите цени: Имаат гориво, а не продаваат? Еве каде да пријавите

Сомнежи за бензинските пред новите цени: Имаат гориво, а не продаваат? Еве каде да пријавите

Граѓаните кои се сомневаат дека одредена бензинска станица располага со гориво, но намерно одбива да го пушти во продажба, случајот треба да го пријават во Државниот пазарен инспекторат, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов.

Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ристов објасни дека РКЕ нема надлежност да постапува во вакви случаи и дека контролата е во надлежност на пазарната инспекција.

Прашањето особено се актуализира во понеделник навечер, кога РКЕ ги објавува новите цени на горивата. Доколку е најавено поскапување, голем број граѓани се упатуваат кон бензинските станици за да наполнат гориво по старата цена, поради што неретко се создаваат редици.

Истовремено, според Ристов, има и пријави и сомнежи дека одредени бензински станици престануваат со продажба со образложение дека немаат гориво.

„Секој граѓанин кој има дилема или барем сомнеж дека одредена компанија прави злоупотреба со тоа што има нафтени деривати, а не ги пушта на пазар, слободно може да пријави кај Државниот пазарен инспекторат“, изјави Ристов.

Тој посочи дека инспекциските служби треба да излезат на терен и да проверат дали навистина постојат неправилности.

Ристов предупреди и дека доколку се утврди намерно ограничување на продажбата, компаниите може да се соочат со сериозни финансиски санкции.

„Казните се огромни“, рече претседателот на РКЕ, додавајќи дека бензинските работат со релативно мали маржи, но со голем промет.

Според него, Државниот пазарен инспекторат веќе располага со одредени информации за вакви случаи.

Сепак, евентуална злоупотреба треба да биде утврдена од надлежната инспекција, а самото прекинување на продажбата не значи автоматски дека бензинската станица намерно го задржува горивото за да го продаде по повисока цена.