ПРВ.мк
Македонија

СНИМКАТА ГИ ОТКРИ СТОРИТЕЛИТЕ: 15-годишниците од Велес ќе одговараат за штетата во училишниот двор!

СНИМКАТА ГИ ОТКРИ СТОРИТЕЛИТЕ: 15-годишниците од Велес ќе одговараат за штетата во училишниот двор!

Двајца малолетници на возраст од 15 години се идентификувани во врска со оштетувањето на урбаната и спортската опрема во дворот на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес, откако на социјалните мрежи се појави видео од случувањето.

Случајот бил пријавен до полицијата, по што СВР Велес започнал активности за утврдување на идентитетот на лицата кои ја оштетиле опремата во училишниот двор.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници презеле мерки и во рамки на истрагата биле пронајдени и повикани на службен разговор двајца малолетници.

Разговорите со нив биле спроведени на 18 и 19 август 2026 година, при што двајцата 15-годишници биле сослушани во присуство на нивните родители, како и претставник од Центарот за социјални работи од Велес.

Случајот се однесува на претходно пријавено оштетување на спортски реквизити, како и на тартанската подлога на ракометното игралиште во дворот на училиштето. Дополнително, на социјалните мрежи било објавено видео на кое се гледа оштетување на опремата, што помогнало во насоката на полициските активности.

Полицијата продолжува со целосното расчистување и документирање на настанот, по што против малолетниците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Од надлежните институции потсетуваат дека оштетувањето на јавна и училишна опрема предизвикува материјална штета и директно влијае врз условите што им се достапни на учениците и останатите граѓани кои ги користат овие простори.