Главниот град свечено ќе ја пречека Новата 2026 година со голем јавен дочек на плоштадот „Македонија“, а целосната програма за вечерта веќе е објавена. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати отворена покана до сите граѓани, најавувајќи вечер исполнета со музика, емоции и заедништво.
Новогодишната програма започнува во 19:45 часот со настап на Миле Кузмановски, по што на сцената ќе се редат Огнен Здравковски, Дина Јашари, култната група Куку Леле и една од најпопуларните македонски пејачки Тамара Тодевска.
Втората половина од вечерта ќе биде во знакот на енергијата и урбаниот звук, со настапи на Пајак, Лара и Два Бона, кои се особено омилени кај младата публика.
Кулминацијата на вечерта и симболичниот пречек на Новата година точно на полноќ ќе ѝ припаднат на Каролина Гочева, која ќе го одбележи влезот во 2026 со своите најпознати хитови.
„Доста беше мрак. Време е за радост и заедништво. Со домашни изведувачи кои ги сака публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации. Ова е подарок за градот – да живее, да пулсира и да сонува“, порача градоначалникот Ѓорѓиевски.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани и посетители да бидат дел од новогодишната ноќ во срцето на Скопје и заедно да ја дочекаат 2026 година со музика, позитивна енергија и незаборавна атмосфера.
















