По релативно мирниот божиќен период, обележан со стабилен „Рекс блок“, голем дел од Европа влегува во фаза на изразен арктички продор. Во последната недела од декември се очекува нагло заладување, снег и силен пад на температурите, особено во централните и источните делови на континентот.
Први на удар ќе бидат Полска, источна Германија, Чешка, Словачка и Унгарија, каде утринските температури локално ќе паѓаат под –10 °C. Студениот фронт постепено ќе се спушта кон југ и до почетокот на следната недела ќе ја зафати и Грција, со дневни температури кои тешко ќе се искачуваат над нулата.
Со влезот во јануари се најавува нов синоптички пресврт. Антициклонот ќе се позиционира над Гренланд, што ќе отвори простор за засилена циклонална активност над западна и југозападна Европа. Леден воздух ќе се спушта од Исланд и Обединето Кралство кон Шпанија и Португалија, со минимални температури меѓу –5 и –10 °C.
Балканот, сепак, ќе биде исклучок од ова правило. Поради југозападно струење од Медитеранот, регионот ќе добие потопол и повлажен воздух. Температурите локално ќе бидат и до 15 °C над просекот, со дневни максимуми што може да достигнат околу 15 °C. Влагата ќе донесе и обилни врнежи, особено на јужните падини на Алпите, како и на западните падини на Динаридите и Апенините, каде во текот на неделата се очекуваат од 150 до 300 милиметри дожд.
Метеоролозите предупредуваат на изразени временски контрасти, со зима „во полн погон“ на север и запад, и речиси пролетни услови на Балканот.
















