Дваесет и едногодишен жител од општина Лозово е осуден на една година затвор поради семејно насилство врз својата 34-годишна партнерка, која во моментот била бремена. Пресудата ја донесе Основниот суд во Свети Николе, а обвинетиот е прогласен за виновен за телесна повреда и противправно лишување од слобода.
Според судот, казната е изречена како единствена за двете кривични дела, а обвинетиот останува во притвор до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.
Настанот се случил на 19 и 20 февруари во семејниот дом, каде обвинетиот физички ја нападнал партнерката, ѝ го ограничил движењето и ѝ ги одзел телефонот и клучевите од возилото. Според обвинението, насилството траело подолг временски период, при што жената била држена затворена во просторија околу 15 часа.
Жртвата се здобила со повеќе повреди како резултат на ударите, а случајот предизвика реакции во јавноста поради висината на изречената казна.
Податоците од обвинителството покажуваат дека во текот на минатата година биле поднесени десетици обвиненија за семејно насилство, но во значителен дел од случаите биле изречени условни казни, што повторно ја отвора дебатата за ефикасноста на казнената политика во вакви случаи.


















