По заплената на дури пет тони марихуана во Србија, македонските институции спровеле вонредна контрола во скопската фирма „Алфафарм“ (Alphapharm Group) ДОО Скопје, која е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба, објави „Слободен печат“.
Контролата е извршена од страна на Министерството за здравство, во координација со Министерството за внатрешни работи, откако случајот со огромната количина запленета марихуана ја вознемири јавноста и ги вклучи институциите во двете држави.
Информацијата за спроведената вонредна контрола за „Слободен печат“ ја потврдиле од Министерството за здравство. Засега, од таму не излегуваат со официјални детали околу тоа што било утврдено или констатирано при контролата во фирмата, ниту дали се откриени евентуални неправилности.
Фирмата „Алфафарм“ е основана во 2023 година, а веќе во 2024 година добила официјално одобрение за одгледување медицински канабис, што ѝ овозможило легално производство под строго пропишани законски услови.
Како што веќе е познато во јавноста, марихуаната која потекнувала од Македонија завршила во фирма за корнишони во село во близина на Крушевац, каде што српските власти ја откриле и заплениле огромната количина дрога.
Случајот доби и правна димензија во Македонија. Основното јавно обвинителство отвори предмет поврзан со запленетата марихуана, по што истиот бил преземен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со цел детално да се испита евентуалната вмешаност на домашни правни и физички лица.
Во Србија, истрагата веќе резултираше со апсење на косопственик на фирма од Скопје, што дополнително ги заостри сомнежите и го подигна нивото на институционална будност во двете земји.
Надлежните органи најавуваат продолжување на истрагите, додека јавноста очекува одговори за тоа како легално регистрирана фирма за медицински канабис може да биде поврзана со една од најголемите заплени на марихуана во регионот.

















