Започна исплатата на средствата преку програмата „Мој ДДВ“ за скенираните фискални сметки од четвртото тримесечје во 2025 година, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
Според информациите од УЈП, за овој период се предвидени исплати во вкупен износ од 924,5 милиони денари, кои ќе бидат распределени кон 526.123 корисници што ја користат апликацијата „Мој ДДВ“.
Досега, како што информираат од Управата, успешно се исплатени 184,5 милиони денари на сметките на околу 104.000 корисници. Исплатата не е завршена и ќе продолжи и во наредниот период, во зависност од обработката на платните налози.
Од УЈП појаснуваат дека средствата се префрлаат континуирано, односно штом ќе се обработи налогот, веднаш се врши исплата на трансакциската сметка на корисникот.
Сепак, од Управата предупредуваат дека кај 5.292 корисници е евидентиран проблем, бидејќи при регистрацијата или ажурирањето на податоците внесле погрешна трансакциска сметка. Поради тоа, тие во моментот не можат да ја добијат исплатата.
Од УЈП апелираат сите граѓани кои сè уште немаат добиено средства да ги проверат и, доколку е потребно, да ги коригираат податоците за својата трансакциска сметка директно во апликацијата „Мој ДДВ“. Со навремено ажурирање на податоците, Управата ќе може без пречки да ја изврши исплатата на повратот по основ на програмата „Мој ДДВ“.

















