ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНИЈА: Работник со нож тргнал кон газдите поради неисплатени дневници, жената спас барала во казино!

СКАНДАЛ ВО МАКЕДОНИЈА: Работник со нож тргнал кон газдите поради неисплатени дневници, жената спас барала во казино!

Основното јавно обвинителство Скопје започна постапка против 30-годишен маж, осомничен дека со нож им се заканувал на сопствениците на фирмата во која работел, откако, според наводите, бил незадоволен поради неисплатени дневници.

Случајот се случил на 21 јули во попладневните часови во селото Трубарево, кога сопружниците, кои се сопственици на компанијата каде што бил вработен осомничениот, со автомобил се обидувале да заминат од фирмата.

Според информациите од Обвинителството, работникот застанал пред нивното возило и им го попречил патот, држејќи нож во рацете. Наводно, тој агресивно им се заканувал, ги навредувал и замавнувал со опасното орудие, барајќи да му бидат исплатени парите што ги побарувал.

Во еден момент, ситуацијата дополнително ескалирала, а осомничениот со нож ја оштетил левата задна гума од автомобилот на сопружниците.

Додека сопственикот на фирмата се обидувал да разговара и да ја смири ситуацијата, неговата сопруга, исплашена од случувањата, успеала да се оддалечи од местото.

Таа побарала помош во блиското казино, од каде што телефонски повикала полиција и пријавила што се случува.

Јавното обвинителство го товари 30-годишниот маж за кривично дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, согласно член 133 став 1 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот.

Мерките кои се предложени вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетените лица.

Истрагата за случајот продолжува, а надлежните ќе ги утврдуваат сите детали околу конфликтот меѓу работникот и сопствениците на фирмата.