Просторот на Македониумот во Крушево бил изнајмен за снимање музички спот, за што продукцијата платила околу 500 евра за неколку часа. Случајот предизвика реакции поради содржината на спотот и прашањето кој дал дозвола за користење на објектот.
Информацијата ја потврди директорот на Историскиот музеј Крушево, Миха Оџаклиески. Тој објасни дека продукцијата добила одобрение од Управниот одбор на институцијата.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. Имаме одлука просторот да се отстапува со соодветна цена која се наплатува на саати“, изјави Оџаклиески.
Според него, користењето на просторот се наплаќа по утврдена тарифа, а за неколку часа снимање сумата изнесувала околу 500 евра. Оџаклиески исто така тврди дека провокативните сцени од спотот не биле снимени во внатрешноста на Македониумот.
Сепак, во случајот се отвора и прашањето за надлежностите поврзани со заштитата на објектот како културно наследство.
Од Управата за заштита на културното наследство информираат дека не биле известени за снимањето. Директорката Весела Честоева потврдила дека до Управата не било доставено барање за дозвола.
Таа посочила дека дозволи од оваа институција се издаваат исклучиво кога станува збор за активности поврзани со промоција на македонската култура и уметност.
Случајот повторно го стави Македониумот во центарот на вниманието и отвори прашања за начинот на кој се користи еден од најпрепознатливите објекти на македонското културно наследство.
Македониумот во Крушево е архитектонско дело на Јордан и Искра Грабулоски и е едно од позначајните архитектонски обележја во земјата.
Ова не е првпат објектот да биде предмет на реакции. Неодамна на Македониумот биле поставени метални решетки без дозвола, а за тој случај сè уште се очекува инспекциски извештај.




