Премиерот Христијан Мицкоски најави нови кадровски промени во вториот и третиот ешалон на власта, кои според неговата најава треба да се реализираат во следните една до две недели.
Промените ќе ги опфатат позициите на заменици-министри и директори, а конечните кадровски решенија треба да бидат усогласени со коалициските партнери.
Одговарајќи на новинарско прашање кога може да се очекува реализацијата на промените, Мицкоски рече дека веќе има претстава за тоа кои кадровски решенија би можеле да бидат донесени, но дека претстои коалициско усогласување.
„Па, јас отприлика имам што, каде и како. Треба коалициски да потврдиме и ќе се случи во следнава недела-две“, рече Мицкоски.
Најавата доаѓа по реконструкцијата на Владата во јули, кога беа направени промени на повеќе министерски позиции. Уште тогаш Мицкоски најави дека прашањето за замениците-министри ќе биде отворено во текот на есента.
Засега не се соопштува кои конкретно заменици-министри и директори би биле опфатени со промените, ниту пак кои имиња се разгледуваат како нивни можни наследници.
Според најавата на премиерот, конечните одлуки треба да следуваат откако ќе биде постигнат договор со коалициските партнери, во период од една до две недели.






