Поранешен директор на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) се соочува со обвинение за злоупотреба на службената положба, откако надлежното обвинителство утврдило сомневања дека службените ресурси ги користел за лични потреби.
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената истрага, поднело Обвинителен предлог против поранешниот директор на СОЗР за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, како и за „Фалсификување службена исправа“ согласно Кривичниот законик.
Според обвинението, осомничениот во периодот од 3 јули 2021 година до март 2024 година, додека ја извршувал функцијата директор, ги пречекорил своите овластувања и без реална основа за службени патувања надвор од државата потпишувал решенија и патни налози за себе и за повеќе вработени во институцијата.
Обвинителството тврди дека во одредени случаи бил користен и владиниот авион „Лирџет 60“ за приватни потреби, при што од сметката на СОЗР биле направени плаќања за различни трошоци поврзани со патувањата.
Дополнително, според наводите во обвинението, поранешниот директор користел средства од службена платежна картичка издадена на негово име за хотелски и угостителски услуги, со што, како што наведува Обвинителството, бил предизвикан финансиски трошок за СОЗР во износ од 2.562.139 денари.
Во друг дел од истрагата, обвинителството утврдило сомневања дека во периодот од 27 октомври 2023 до 14 јуни 2024 година, тој не ја извршил својата службена должност со цел да овозможи имотна корист за друго лице – пилот вработен во СОЗР.
Според обвинението, поранешниот директор бил информиран дека пилотот, и покрај дополнителните обуки, нема да ги исполни потребните стандарди за управување со авионот „Лирџет 60“. Сепак, не презел активности за наплата на трошоците за обуката или за известување на надлежните служби за евентуално прекинување на работниот однос.
Поради тоа, пилотот продолжил да прима плата за работното место капетан-водач на воздухоплов, а според обвинителството, со ова била направена дополнителна штета на буџетот во износ од 5.431.624 денари.
Обвинението опфаќа и дел поврзан со јавни набавки за изнајмување возила за превоз на делегации и транспорт на цивилно население од Исламската Република Авганистан во Македонија.
Според истрагата, договорите биле склучувани со иста рент-а-кар компанија од Скопје, а во службените изјави за непостоење судир на интереси, обвинетиот навел дека нема приватен интерес или материјална корист поврзана со набавките.
Сепак, обвинителството тврди дека спротивно на тие изјави, тој и неговата сопруга користеле возила од истата компанија без надомест, како за патувања во земјава така и во странство, и тоа во период пред, за време и по завршувањето на неговиот мандат.
Во рамките на овој дел од случајот, истрага била поведена и против сопственикот на рент-а-кар фирмата за сомнение за давање поткуп.
Но, по анализата на прибраните докази, јавниот обвинител не утврдил дека сопственикот имал намера да влијае врз одлуките во јавните набавки преку обезбедување бесплатни возила за поранешниот директор.
Поради тоа, за ова лице е донесена наредба за запирање на истражната постапка.








