Педесет и петгодишен скопјанец е лишен од слобода по серија инциденти во својот дом, каде пукал со пиштол, се заканувал на сопругата и трите ќерки и физички нападнал една од нив, информира Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, на 6 март околу 00:40 часот, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Б.С. (55) од Скопје поради сомнение дека со оружје се заканувал на својата 48-годишна сопруга и на нивните три ќерки на возраст од 26, 24 и 18 години.
МВР наведува дека на 1 март, по претходна расправија во домот, осомничениот испукал еден куршум од пиштол кој завршил во прозорецот. Потоа, тој им се заканувал на 24 и 18-годишната ќерка, при што физички ја нападнал постарата.
Насилното однесување продолжило и на 5 март околу 22:30 часот, кога повторно со пиштол ѝ се заканувал на сопругата, но бил спречен од ќерките да го употреби оружјето.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
















