Докторот Драган Даниловски преку социјалните мрежи детално објасни што значи, а уште поважно – што не значи, ревидирањето на препораките за вакцини во САД и дали тоа има какво било влијание врз Македонија.
Тој појаснува дека американските здравствени власти на 5 јануари објавиле нов распоред на вакцини за деца и адолесценти, со кој бројот на болести за кои постои универзална препорака е намален. Дел од вакцините се префрлени во категории за високоризични групи или во модел на индивидуално одлучување меѓу лекар и пациент.
Овие промени, како што наведува Даниловски, во самите САД предизвикале сериозни дебати и реакции од водечки медицински здруженија, кои стравуваат дека може да дојде до пад на вакциналниот опфат и повторна појава на болести што со децении биле под контрола.
Клучната порака, според него, е дека овие промени немаат никакво директно значење за Македонија. Вакциналните календари, потенцира Даниловски, не се универзални и секоја држава ги креира според сопствената епидемиолошка состојба, ризиците и здравствениот систем.
Тој потсетува дека Македонија и САД имаат сосема различни услови, бидејќи кај нас и понатаму постои ризик од морбили, хепатит А и Б, како и од други заразни болести. Затоа, македонскиот вакцинален календар останува непроменет, а комбинираните вакцини како ММР и натаму се рутински и неопходни.
Даниловски нагласува дека американските промени не значат дека некоја вакцина е небезбедна или непотребна, туку дека станува збор за административна и препорачувачка класификација. Секое погрешно толкување, предупредува тој, може да доведе до пад на довербата и повторна појава на сериозни епидемии.
На крајот, тој упати јасна порака до родителите дека вакцинацијата во Македонија останува најсилната заштита за децата и дека сите дилеми треба да се решаваат со педијатрите и стручните институции, а не преку информации од социјалните мрежи.
















