ПРВ.мк
Македонија

Што навистина се крие под Македонија? Ќе се прави Каталог на минералните богатства

Што навистина се крие под Македонија? Ќе се прави Каталог на минералните богатства

Македонија ќе почне процес за изработка на Каталог на минерални суровини и мапа на геолошките истражувања, со цел попрецизно да се утврди со какви природни ресурси располага земјата и каков е нивниот економски потенцијал.

Иницијативата е дел од пошироката соработка меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во фокусот ќе бидат геолошките истражувања, критичните минерали, развојот на лабораториските капацитети и примената на современи технологии.

Министерката Сања Божиновска истакна дека минералниот потенцијал на Македонија мора научно да се истражи и одговорно да се стави во функција на економскиот развој.

„Не можеме да зборуваме за современо рударство без наука, технологија и силни институции. Затоа го поврзуваме Министерството со универзитетите и создаваме услови знаењето да стане двигател на развојот“, порача Божиновска.

Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, посочи дека Универзитетот располага со значајни научни и лабораториски капацитети кои можат да бидат ставени во функција на државата, индустријата и граѓаните.

Се разговарало и за заедничко аплицирање за средства од европските фондови за проекти поврзани со научни истражувања, нови технологии, заштита на животната средина, зелена транзиција и одржливо користење на природните ресурси.

Посебно внимание ќе му биде посветено и на македонскиот рубин. Идејата е УГД да се вклучи во неговото истражување, заштита и промоција, со што овој минерал би можел дополнително да се афирмира како дел од природното и геолошкото наследство на Македонија.

Според Божиновска, критичните минерали имаат сè поголемо значење за современата индустрија, енергетиката и зелената транзиција, поради што инвестициите во истражувања, лаборатории, стручен кадар и технологии се важни за долгорочната економска и ресурсна сигурност на државата.