Под влијание на силен антициклон и топла воздушна маса која продира директно од Африка, Македонија во наредните денови ќе остане заробена во вистинско септемвриско лето. Времето ќе биде стабилно, сончево и претежно суво, со само повремена умерена локална облачност. Слаб до умерен ветер од променлив правец ќе освежува дел од денот, но на моменти ќе засилува и ќе го прави жешкото време уште понеподносливо.
Иако можни се изолирани краткотрајни врнежи од дожд и ретки грмежи, тоа нема значително да влијае на времето – топлото африканско сонце ќе остане доминантно.
Скопје и околината, исто така, ќе бидат погодени од бран на екстремни температури. Живата во термометрите во најголемиот дел од Македонија ќе се искачува над 30 степени, додека во југоисточните региони и долж Повардарието локално ќе надминува и 35 степени.
Македонската престолнина ќе доживее невообичаено топли септемвриски денови, со максимални температури над 30 степени, што само дополнително го потврдува фактот дека оваа година есента ќе доцни – а Африка во моментов е на наш праг.