ПРВ.мк
Македонија

Македонски гигант на колена: Пожар ја уништи „Макпрогрес Винчини“, но менаџментот ветува – сите 500 работници се враќаат на работа!

Македонски гигант на колена: Пожар ја уништи „Макпрогрес Винчини“, но менаџментот ветува – сите 500 работници се враќаат на работа!

Катастрофалниот пожар што синоќа ја зафати фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ во Виница зад себе остави пепел и милионска штета. Три производствени погони, два магацини полни со готова стока и административниот дел на компанијата изгореа до темел, но од менаџментот пристигна јасна порака: обновата ќе започне итно, а сите 500 вработени ќе се вратат на работа.

„И покрај огромната стихија, уште од денеска почнуваме со план за итна реконструкција. Дел од работниците веќе ќе бидат ангажирани во преостанатите погони“, соопштија од раководството на компанијата за ТВ Стар.

Пожарот е локализиран, но сè уште не е целосно изгаснат. Основното јавно обвинителство Кочани најави дека увидот ќе започне дури кога ќе завршат активностите за целосно обезбедување на локацијата. Во меѓувреме, јавниот обвинител веќе издал наредби за понатамошно истражување на причините за несреќата.

Според првичните информации, сопствениците потврдуваат дека штетата е огромна, а конечната сума ќе ја утврдат проценителите од осигурителните компании. Стопанската комора веднаш формира кризен штаб и соопшти дека е во директна координација со Владата. Претседателот Бранко Азески лично бил алармиран од сопственикот на „Макпрогрес“ Глигор Цветанов, по што биле известени премиерот и министрите.

„И покрај напорите на противпожарните екипи, три клучни погони се целосно уништени. Наш приоритет е што побрзо нормализирање на состојбата и заштита на сите вработени“, соопшти Комората.

Пожарот остави и повредени: 18 лица биле примени во кочанската болница, од кои дел подоцна пренесени во Штип и Скопје. Се работи за пожарникари и работници од фабриката, но според Министерството за здравство сите се во стабилна состојба. Најтешки повреди добиле пожарникари кои при интервенцијата се заглавиле во стопена смола од шеќер и заработиле изгореници на стапалата.

„Макпрогрес Винчини“, постои повеќе од 35 години и важи за најголем извозник на кондиторски производи во Македонија, со присуство во 55 држави. Минатата година компанијата остварила извоз во вредност од 35,8 милиони евра. Со повеќе од 750 вработени и шест препознатливи брендови, „Макпрогрес“ е еден од најважните столбови на македонската прехранбена индустрија.

Пожарот, кој за малку можеше да ја уништи целата фабрика, се претвори во вистинска национална трагедија, но и во тест за отпорноста на една од најуспешните компании во земјата. Од таму порачуваат – обновата ќе биде брза, а производството повторно ќе заживее.

Escape