ПРВ.мк
Македонија

Шок во Гостивар: 11 нерегистрирани локали и небезбедна храна откри АХВ

Шок во Гостивар: 11 нерегистрирани локали и небезбедна храна откри АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе обемна вонредна инспекциска акција во Гостивар, при што беа извршени 70 контроли во угостителски објекти. По проверките, изречени се 30 парични казни и 12 забрани за вршење дејност поради утврдени неправилности.

Инспекциите ги опфатија кафулиња, ресторани, пекарници, пицерии, сендвичарници, слаткарници и други објекти што работат со храна. Посебен акцент бил ставен на почитувањето на забраната за користење на водата од градскиот водовод, која сè уште не смее да се користи за пиење или подготовка на храна. Според АХВ, во овој дел не биле констатирани прекршувања.

Сепак, инспекторите откриле други сериозни пропусти. Кај пет оператори недостасувале задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а во 18 објекти биле затекнати вработени без задолжителни здравствени прегледи.

Дополнително, 11 фирми работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во АХВ. За нив е изречена привремена забрана за работа, која ќе важи додека не ја завршат законската регистрација.

Кај два угостителски објекта била пронајдена небезбедна храна, по што инспекторите уништиле околу 18 килограми производи, меѓу кои виршли, салами, кисело млеко, јогурт и путер.

Вкупната вредност на изречените казни достигнува 7.750 евра. Од АХВ повторно апелираат граѓаните и угостителите да ја почитуваат забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод, која ќе остане во сила додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна за употреба.