Бактеријата салмонела е потврдена како причинител на труењето со храна кај 44 вработени во прилепската компанија „Микросам“, кои се разболеле по консумирање оброк подготвен од кетеринг фирмата „Рустика“.
Според анализите на прилепскиот Центар за јавно здравје, проблемот најверојатно бил поврзан со храната што била послужена на 29 јуни, а станувало збор за макарони со изварка и јајца.
Епидемиолозите утврдиле дека од вкупно 58 работници кои го консумирале истиот оброк, кај 44 лица се појавиле симптоми на труење, што претставува околу 75,5 проценти од сите кои биле изложени на ризик.
Од заболените, шестмина морале да бидат хоспитализирани во прилепската градска болница, додека останатите имале полесна или средно тешка клиничка слика.
Епидемиологот Татијана Станимировиќ објасни дека начинот на појавување на симптомите и текот на заболувањето укажуваат на акутно труење со храна.
„Наглиот почеток, брзото достигнување на максимумот на заболени и потоа наглото престанување покажуваат дека станува збор за еднократна изложеност на контаминирана храна“, посочи таа.
Од земените 23 примероци од заболените, кај 11 лица било потврдено присуство на бактеријата салмонела.
Овој вид бактериско труење најчесто се поврзува со консумирање сирова или недоволно термички обработена храна од животинско потекло, како месо, јајца, млеко и нивни производи.
Во конкретниот случај, надлежните сметаат дека најверојатен извор на инфекцијата е оброкот со макарони, јајца и изварка, бидејќи работниците кои консумирале друг оброк истиот ден немале симптоми на труење.
Сè уште не е утврден точниот извор на бактеријата
При контролите во кујната каде што била подготвувана храната, инспекторите не ги затекнале производите што биле користени за подготовка на спорниот оброк, односно јајцата и изварката.
Токму овие намирници се сметаат за можен извор на салмонелата, но надлежните нагласуваат дека тоа сè уште не е целосно потврдено.
Земен е примерок од готовиот оброк, а резултатите од испитувањата во микробиолошката лабораторија при Институтот за јавно здравје во Скопје треба дополнително да покажат дали храната директно ја содржела бактеријата.
„Изворот не може да го сметаме за целосно утврден, туку за претпоставен и најверојатен. Сепак, без оглед на резултатите, храната останува главниот сомнеж за појавата на труењето“, објасни Станимировиќ.
Кујната и мензата остануваат затворени
Според медицинските проценки, инфекцијата со салмонела најчесто трае од три до седум дена, зависно од тежината на симптомите, но целосното закрепнување кај некои пациенти може да трае и подолго.
Една од препораките за заболените е избегнување контакт со други лица додека трае периодот на опоравување.
По случајот бил извршен вонреден инспекциски надзор во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во меѓувреме, кујната на кетеринг фирмата „Рустика“ и мензата во компанијата „Микросам“, каде што бил консумиран оброкот, остануваат затворени до завршување на проверките.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираа дека ги очекуваат конечните резултати од анализите на Центарот за јавно здравје пред да бидат преземени понатамошни мерки.




