Регулаторната комисија за енергетика размислува за промена на методологијата поврзана со природниот гас, при што една од можностите е пресметките да се врзат за референтна берзанска цена, по принцип сличен на оној што се применува кај нафтените деривати.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ посочи дека во Комисијата веќе се размислува за ваков пристап.
„Согласно методологијата, можеби понатаму веќе почнуваме да размислуваме и кај гасот да се врземе за берзанска цена“, рече Ристов.
Во моментов повеќе компании увезуваат природен гас во Македонија, а при пресметките се земаат предвид нивните различни набавни цени. Новиот пристап би требало да воведе појасна референтна основа, слично како кај нафтените деривати.
Сепак, Ристов укажа дека европските берзи за природен гас се исклучително променливи и дека цената може значително да се менува во краток период. Токму затоа, според него, за Македонија не е доволна само промена на методологијата, туку се потребни и долгорочни решенија за снабдување.
Како важен чекор ги посочи интерконекторите што се градат, кои би требало да овозможат поголема диверзификација на изворите на природен гас.
„Многу е важно ова да се стабилизира и Македонија, со овие интерконектори кои сега ги прави, да најде начин да склучи долгорочни договори со некого“, изјави Ристов.
Тој го отвори и прашањето за складирање на природниот гас. Македонија во моментов нема сопствени складишни капацитети, а изградбата на таква инфраструктура би претставувала значителна инвестиција.
Ристов смета дека темата може да стане уште поважна во иднина доколку во земјата се развијат нови когенеративни централи кои би трошеле поголеми количества природен гас.
Засега станува збор за размислување и работа на можен нов модел, а не за веќе донесена одлука или воведена нова методологија. Пазарот на природен гас на големо во Македонија е либерализиран, додека РКЕ ги утврдува тарифите за регулираните дејности – пренос и дистрибуција.







