Регулаторната комисија за енергетика планира воспоставување дигитална платформа преку која податоците за производството и потрошувачката на електрична енергија ќе се прибираат во реално или близу реално време.
Идејата е РКЕ да располага со далеку попрецизна слика за состојбата во енергетскиот систем, што би овозможило подетални анализи при носењето регулаторни одлуки, вклучително и оние поврзани со тарифите.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, посочува дека сегашниот модел, при кој дел од податоците се добиваат месечно, полугодишно или годишно, не овозможува доволно детално следење.
„Нас не ни треба дневен податок. Ни треба 24 часа, на секои 15 минути, да имаме график и да знаеме што ни се случува“, вели Ристов.
Новата платформа треба да обезбеди информации за различните извори на електрична енергија – фотоволтаици, ветерни електрани, термоелектрани, хидроцентрали и увоз – како и подетални податоци за структурата на потрошувачката.
РКЕ веќе побарала од енергетските компании историски податоци за 2025 и 2026 година, кои треба да послужат за симулации и развој на идниот систем.
Во проектот е вклучен и ФИНКИ, а се разгледува и можноста за користење вештачка интелигенција при обработката и групирањето на големите количества информации.
Според Ристов, ваквата база во иднина би можела да служи не само за работата на регулаторот, туку и за изработка на прогнози, стратегии и истражувања во енергетиката.
Тој нагласува дека иницијативата не значи дека РКЕ се сомнева во точноста на досегашните податоци или дека компаниите манипулирале со нив. Проблемот, според него, е што податоците не се доволно детални во временска смисла за да се анализираат промените што се случуваат во системот во текот на денот.







