Сојузот на синдикатите на Македонија го одржа традиционалниот првомајски протест, на кој неколку илјади работници маршираа од седиштето на ССМ, преку Собранието, до Владата.
На почетокот на протестот се обрати претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кој порача дека работниците денес избрале да бидат на улица затоа што борбата за подобри плати и достоинствени услови за работа мора да продолжи.

Тој нагласи дека во Македонија голем број граѓани сè уште живеат со ниски примања, посочувајќи дека 260.000 работници имаат плата под 600 евра. Според него, тоа е доволен доказ дека синдикалниот притисок не смее да запре.
Трендафилов истакна дека во општеството се создава впечаток дека работниците треба да се помират со состојбата, но порача дека ССМ нема да прифати покорување и потчинување.

Тој упати критика и кон, како што рече, „квази синдикати“ кои сметаат дека за 1 Мај не треба да се протестира, туку да се одржуваат скапи конференции и настани.
Протестната поворка потоа продолжи кон Владата, каде работниците ја испратија пораката дека бараат повисоки плати, поголема почит и вистинска заштита на работничките права.








